Со проектот „Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид“ градот ќе ја збогати новогодишната понуда

20.12.2017 16:22

Охрид со нова содржина ќе ја збогати новогодишната понуда. Имено од денеска до дваесетти јануари ќе се одржува нововостановената манифестација „Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид“, при што охриѓани и гостите ќе можат да уживаат во бројни забави, културни и други настани...

„Од 20-ти до 20-ти-сите во Охрид“ е проектот преку кој најголемиот македонски туристички центар ќе започне да креира нова новогодишна понуда, чија цел е продолжување на туристичката сезона. Од денеска до 20-ти јануари на неколку различни простори и сцени во градот ќе има богата музичка програма, театарски претстави, промоции на книги и други содржини кои ќе придонесат одбележувањето на празниците да добие поинаков белег. Оваа иницијатива има огромна подршка од хотелиерите и угостителите.

„Покажаа подготвеност да водат заедничка политика на цени заедно со општината. Веќе најавија и одредена политика на цени, значи намалување на цените за градовите кои што имаат висока загаденост. За сите гости од тие градови да можат да дојдат во Охрид по намалени цени и на таков начин Охрид да покаже гостопримливост“, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

За најмалите ке има посебна програма. За нив секако најинтересна ќе биде „Чоколадната улица“.

„Како што гледате чадорите се тука поставени, ќе има ете да не ги наречеме тезги, мали штандови, кои ќе се посебно брендирани. Основната замисла е да биде за најмалите, за дечињата еден како чоколаден свет. Поголемите фирми кои што се занимаваат со производство на чоколади и тие слатки работи да си земат тука по еден штанд“, вели Сашо Митаноски- „Супер Радио“, партнер на проектот.

Манифестацијата секако ќе придонесе за збогатување на севкупната новогодишна понуда на Охрид, кој годинава ќе биде преполн со туристи. Последните информации говорат дека хотелско-угостителските објекти се резервирани од 80 до сто проценти, а особено охрабрува податокот што 90 проценти од гостите се од соседните држави.

 

Сашо Нелоски