МАР: Рудниците работат по европски стандарди
Општина Гевгелија во законски рок негативно ќе му одговори на министерството за економија на барањето за доделување концесија за вршење детални геолошки истражувања на минерални суровини во регион на планината Кожуф, решија денеска советниците. Од друга страна Асоцијацијата за рударство тврди дека домашните рудници работат со почитување на европските стандарди во оваа област. На средбата во Стопанската комора не дојдоа претставниците на невладиниот сектор...

„Рудници треба да има и тие не се зло“- тврди надлежната асоцијација при Стопанската комора на Македонија. Оттаму велат дека работата по европски стандарди гарантира безбедност и развој на регионот. Побараа средба со владините претставници, бидејќи сметаат дека нема конкретно истражување кое покажува дека овие капацитети ја загадуваат животната средина.
Инвеститорот во „Казандол“ реагира за наводите од граѓанските здруженија кои излегоа на протести, а кои се сомневаат дека во процесот на производство се користат арсен, сулфурна киселина и цијанид.
Здружението на рударски инженери тврди дека и во Европа се работи на ист начин.
Рудниците учествуваат со еден процент во БДП и со речиси 10 насто во индустриското производство. На денешната седницата во Комората, иако поканети, не присуствуваа граѓанските здуженија кои се борат против отворањето рудници на истокот од земјава.
Дијана Ценевска
