Сергеј Андреевски со изложба во САД
20.02.2014 10:42
Изложбата е резултат на заеднички проект на тројцата интернационални уметници реализиран во ноември минатата година со наслов „Еден мал круг од Светот‟.

Утре во градот Саутпорт на брегот на Атлантикот во САД, ќе биде отворена изложба на Сергеј Андреевски и неговите долгогодишни колеги од Германија и САД, Герлинде Пистнер и Дик Робертс. Изложбата е резултат на заеднички проект на тројцата интернационални уметници реализиран во ноември минатата година со наслов „Еден мал круг од Светот‟.
Андреевски за прв пат ќе ги изложи делата од својот најнов циклус „Кучиња‟ што уште за време на реализацијата на проектот предизвика восхит кај посетителите на работилницата.
„Андреевски чекори наназад, ја преиспитува зелената на сликата со две четириножни суштества налик на кучиња, испревртени горе-долу. Одеднаш, тој скокнува кон сликата и со жестоки удари на четката остава дебели слоеви боја, чекорејќи напред-назад. Само неколку минути потоа, сликата е целосно сменета. Се појавува лице, а кучето од горниот дел на платото е трансформирано во круна налик на онаа од Статуата на слободата!‟, пишува весникот Старњуз за делата на македонскиот уметник.
