Пуџдемон: Никој не може да го оспори резултатот, победи Каталонија
Каталонските сепаратистички партии освоија тесно мнозинство во регионалниот Парламент на Каталонија, покажуваат прелиминарните резултати врз основа на 99 отсто преброени гласови од вонредните избори. Излезноста на вчерашните предвремени регионални избори во Каталонија беше рекордна од речиси 82 отсто...

„Шпанската држава доживеа пораз на предвремените избори“, изјави разрешениот лидер на каталонија Карлес Пуџдемон во Брисел, честитајќи ја победата на Каталонската република. Со речиси 100 насто преброени гласови, коалиција „Заедно за Каталонија“ освои 34 места, републиканската Левица на Каталонија 32, а ултралевичарите од „Кандидатурата за народно единство“ ќе заземат 4 пратенички места. Со вкупно 70 пратеници, поддржувачите на независноста на регионот создадоа мнозинство во новиот парламент.
„Никој не може да го оспори резултатот. Овој пат победи Каталонија. Поразени се и Рахој и неговите сојузници“, изјави Карлес Пуџдемон, лидер на „Заедно за Каталонија“.
И покрај големата поддршка за струјата што се залага за независност на регионот, не е на повидок брзо решение на шпанската криза ниту формирање на новата влада. Унионистичката „Граѓанска партија“ која е против независност од Шпанија освои 37 места и е најбројна политичка опција во 135-члениот Парламент.
„Над милион гласачи во Каталонија застанаа зад нашата партија, нашите храбри луѓе отворено велат дека не сакаат поделба. Токму тие му испратија порака на светот. Мнозинството од граѓаните се чувствува како дел од Каталонија, од Шпанија и од Европа“, рече Инес Аримадас, лидер на Граѓанската партија.
Најлош резултат имаше конзервативната „Народна партија“ на премиерот Маријано Рахој која доби само три пратенички места. Сега е време за разговори- порача Рахој од Мадрид. Претходно, шпанската влада воведе директна контрола врз каталонските институции и ги свика предвремените избори откако регионалните власти прогласија референдум за независност, непризнат од официјален Мадрид.
Во 2008-ма, шпанските власти ја укинаа автономијата на регионот, што предизвика раст на сепаратистичкиот нацинализам во Каталонија.
Маја Филдишев
