Мијалков и Јанкулоска во Кривичен суд за случајот „Таргет- Тврдина“

22.12.2017 10:19

Закажано рочиште за предметот „Таргет- Тврдина“ за незаконското прислушување и уништување на опремата за пресретнување на комуникациите. На рочиштето присуствуваат поранешната министерка за внатрешни Јанкулоска и некогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Мијалков. Според обвинителниот акт, прислушувани биле над 20 илјади граѓани...

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот шеф на наговиот кабинет Тони Јакимовски, претпладнево дојдоа во Кривичниот суд каде што треба да се одржи рочиште за споениот предмет на СЈО „Таргет - Тврдина“ за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Покрај нив, во овој предмет обвинети се и поранешните началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008-ма до 2015-та година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

За овој предмет судско рочиште е закажано и на 17-ти јануари следната година.