Врие во Украина

20.02.2014 10:52

И по постигнатото примирје, состојбата е напната. Мајданот е во пламен...

Ден на жалост во Украина по вчерашните крвави судири во кои 28 лица го загубија животот, а стотици беа повредени. Судирите продолжуваат и денеска, медиумите јавуваат за голем број повредени и загинати. Претседателот Виктор Јанукович доцна синоќа сооопшти  дека е постигнато примирје со опозициските лидери, вети дека нема да го урне кампот на демонстрантите и најави  почеток на директни преговори. 
 
„Според тоа што го договоривме на средбата, двете страни прогласуваат примирје и почеток на преговори за да се запре крвопролевањето и да се стабилизира состојбата“, изјави Јанукович.
 
И опозициските лидери ја потврдија информацијата.
 
„Најважен е животот на луѓето, постигнавме примирје за да нема нови жртви, нападот беше планиран, но ние не дозволивме да се случи“, изјави Арсениј Јацењук лидер на опозицијата.
 
И по постигнатото примирје, состојбата е напната. Мајданот е во пламен. Демонстрантите цела ноќ  поставуваа нови  барикади и  не отстапуваат од барањето Јанукович да ја напушти функцијата. Стотина демонстранти се судрија со полицијата и ја презедоа контролата врз плоштадот.
 
Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон ја откажа посетата на Босна и за денеска закажа вонреден состанок на Советот за безбедност. Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и на Полска се на консултации во Киев, пред состанокот во Брисел.  
 
Западните земји бараат санкции. Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен упати сериозен апел до украинската Влада и предупреди дека ако и натаму употребува сила сериозно ќе се разнишаат односите меѓу Киев и НАТО.
 
Американскиот претседател Барак Обама ја обвини Владата за нередите во земјата.
 
„Украинската Влада треба да биде воздржана и не смее да применува сила врз мирните демонстранти. Ако се почитува примирјето, ќе се направи простор двете страни по мирен пат да дојдат до решение за кризата. Ние многу внимателно ќе го следиме развојот на настаните“, изјави Обама.
 
Движењето „Ние сме Европејци“ ги повика украинските спортисти да ги напуштат зимските Олимписки игри во Сочи во знак на почит кон загинатите. Демонстрациите во Украина траат три месеци, откако Владата реши да не го потпише догворот со ЕУ и се сврте кон официјална Москва, што предизвика бран протести.
 
Марија Петковска