Одложено судењето за случајот „Таргет- Тврдина“
Судијката оцени дека не се исполнети законските препоставки за одржување на главната расправа и затоа судењето се одложува.

Судењето за случајот на Специјалното јавно обвинителство „Таргет - Тврдина“, за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето, е одложено за 17-ти јануари.
Одлагањето на судењето е поради тоа што адвокатите на обвинетите во текот на вчерашниот ден доставиле во Судот листа за докази само во еден примерок. Судењето беше одложено и поради тоа што на рочиштето не присуствуваше адвокатот Миле Петковски, кој во моментот беше на судење за предметот „Труст“.
Судијката оцени дека не се исполнети законските препоставки за одржување на главната расправа и затоа судењето се одложува.
Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008-ма до 2015-та година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
