Конгрес на ВМРО- ДПМНЕ

Мицкоски- единствен кандидат за наследник на Груевски

22.12.2017 12:00

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е единствен кандидат за претседател на партијата. Вонредниот конгрес ќе се оддржи денеска и утре во Валандово. Иницијаторите за негово одложување и натаму со ставот дека конгресот не ги исполнува демократските вредности. Лидерот во оставка Груевски утре ќе поднесе извештај, а 544 делегати со тајно гласање треба да се изјаснат за кандидатурата на Мицкоски...

Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е единствен кандидат за наследник на Никола Груевски, кој поднесе неотповиклива оставка од лидерското место во партијата. За претседателската позиција биле поднесени две кандидатури, но е прифатена само на Мицкоски. Другата не била валидна, бидејќи според правната комисија, била поднесена без потписи. Името на вториот кандидат не се соопштува. Централниот комитет ги потврдил точките кои ќе се дискутираат на вонредниот конгрес што ќе се одржи денеска и утре во Валандово. Мицкоски вели дека трката ја водел демократски и дека има програма каде го гледа ВМРО-ДПМНЕ во иднина.

„Ние сме биле обединети и единствени, сме обединети и единствени и така и ќе продолжиме во иднина. Повторно ќе кажам, стнаува збор за една прекрасна плејада на мои колеги, сопартијци, со кои во минатото сме имале исклучително добри резултати и така и ќе продолжиме во иднина. Сите оние кои ме познаваат како човек, знаат каков човек сум, така што апсолутно, различните мислења кои ќе значат додадена вреднос и за себе, и за политиките кои ќе ги водам се добредојдени, доколку тие се аргументирани со факти“, изјави Христијан Мицковски, кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од членовите на Извршниот и на Централниот комитет и натаму се на ставот дека конгресот не ги исполнува демократските стандарди. Илија Димовски, еден од потписниците на иницијативата за пролонгирање на конгресот за два месеца, се откажа од трката. Вели дека секогаш може да има различни мислења во партијата и мора да го научиме тоа. Никола Попоски кој се споменуваше како кандидат за лидер на партијата, поднесе оставка од партиските функции. Иако ги собра потребните потписи, и Филип Петровски се повлече од трката.

„Мислам дека е дојден момент во кој ќе можеме јавно и гласно да проговориме за очигледните разлики во концептите. Ние мислевме дека партијата треба да изгради нов концепт, кој што ќе значи многу поголема отвореност, демократичност и транспарентност, како и систем и како вредност, различен од тоа што СДСМ го прави во моментот во Република Македонија, затоа што и вчера споменав дека само со таква квалитативна претстава за нас самите, ќе можеме да бидеме конкурентни пред граѓаните“, изјави Илија Димовски, ВМРО- ДПМНЕ.

Централниот комитет ја разгледал и ја усвоил анализата за локалните избори. Со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата, за како што стои во соопштението, во иднина да се корегираат пропустите. На Валандовскиот конгрес извештај треба да поднесе и лидерот на партијата во оставка, Никола Груевски. За кандидатурата на Христијан Мицкоски, на тајно гласање треба да се изјаснат 544 делегати.

Милчо Велески