Груевски во Минхен: Инвестирајте во Македонија

20.02.2014 11:00

Обраќајќи се пред присутните бизнисмени тој истакна дека Македонија е стабилна и на политички и на економски план, со стабилна валута и четврт најнизок долг во Европа...

„Германија е трговски партнер број еден на Македонија веќе подолг период. Минатата година беше трет најголем инвеститор во Македонија и би сакале да направиме нешто Германија да дојде на првата позиција“, истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Минхен.

Груевски  го повика бизнис секторот на најбогатата и најразвиена германска област Баварија да ги искористи македонските  инвестициски поволности. 

Обраќајќи се пред присутните бизнисмени тој истакна дека Македонија е стабилна и на политички и на економски план, со стабилна валута и четврт најнизок долг во Европа кој е 34,3 проценти од БДП.

Ова е четврти форум организиран од престижниот „Фајненшл Тајмс“.  По ланските во Лондон и Париз, завчера во Виена премиерот Груевски порача дека Австрија станува водечки странски инвеститор во Македонија.

Неколкумина австриски бизнисмени веќе покажаа интерес да инвестираат во земјава.