Судењето за „Таргет- Тврдина“ одложено за 17-ти јануари

22.12.2017 12:58

Судското рочиште за споениот предмет „Таргет- Тврдина“ одложено за 17-ти јануари по барање на одбраната. Листата на докази доставена само во еден примерок, уште една од причините за презакажувањето на судењето за случајот со прислушкувањето...

Првото рочиште за случајот „Таргет- Тврдина“ се одложи поради неисполнети законски претпоставки. Судијката Давидковска образложи дека еден од адвокатите на обвинетиот Сашо Мијалков побарал од судот да го одложи рочиштето бидејќи во исто време постапувал и во предметот „Труст“. 

Освен тоа, како причина за одложувањето беше и тоа што обвинетите ја доставиле листата на докази само во еден примерок. Нивните бранители рекоа дека уште во текот на денот ќе ги достават доказите и до СЈО.

Во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се споени во еден обвинителен акт, првообвинети се Мијалков, потоа поранешниот шеф на кабинетот , Тони Јакимовски, и уште десетина меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска.

Во овој случај обвинети се и началниците од УБК, Горан Грујовски и Никола Бошкоски, кои се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Солун, откако на 18-ти октомври беа уапсени на Солунскиот аеродром.

На судењето меѓу обвинетите седна и Владимир Варелов, за кого во јавноста се прочу дека обвинетиот Горан Грујовски го користел неговиот идентитет.

 

Фиљана Кока