ООН

128 држави против одлуката на САД за Ерусалим

22.12.2017 13:14

Кога некој има нуклеарно вооружување, најдобар инструмент за спротивставување е силата на мнозинството- порача турскиот претседател Ердоган по вчерашното изјасување во Советот за безбедност. Вашингтон претрпе пораз од 128 држави, меѓу кои и Македонија, за планот да се премести израелската престолнина од Тел Авив во Ерусалим. Турбуленции и на релација Европа- Америка...

Генералното собрание на ОН на вонредна седница донесе резолуција со која се бара САД да ја укине одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел. 128 земји членки на Обединетите нации гласаа „за“, 9 држави гласаа против и 35 меѓу кои Канада, Мексико и Австралија, Хрватска и Босна и Херцеговина беа воздржани. Македонија, како и повеќето членки на ЕУ, четирите членки на Советот за безбедност Кина, Русија, Британија и Франција, како и Србија, Грција и Црна Гора, гласаше „за“ резолуцијата. САД и покрај оваа одлука, најавија преместување на амбасадата во Ерусалим.

„Го признавме правото на Израел како суверена земја да го именува својот главен град, како и секоја држава во светот. Истовремено, сакаме да појасниме дека сме посветени на постигнување мир, рече американскиот потпретседател, Мајк Пенс.

Американската амбасадорка Хејли пред гласањето предупреди- ако се гласа против американската одлука, САД ќе размислат за финансирањето на светската организација. За ова, сепак нема официјална наредба од Белата куќа.

„Сакам да појаснам дека гласањето во ОН не е единствениот фактор за определување на политиката на администрацијата на претседателот Трамп кон странските држави. Само што добив известување од Белата куќа и Националниот комитет за безбедност, дека претседателот има право на разни опции во односите со другите нации. Но се уште нема одлуки“, изјави Хедер Ноерт, портпарол на Стејт департмент.

Турскиот претседател Ердоган изјави дека очекува САД да ја укине својата несреќна одлука.

„Ова ќе биде запаметено во историјата. Не е доволно да кажете јас сум силен, имам нуклеарно оружје, авиони и бомби и дека само Израел и 5-6 држави се ваша страна. 128 земји силно гласаа против“, рече турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Палестинското раководство ја поздрави резолуцијата на ОН нарекувајќи ја победа за Палестина. Претседателот на Франција, Франсоа Макрон во Елисејската палата изутрината имаше итна средба со палестинскиот колега Махмуд Абас.

 

Ирина Гелевска