Шпанија се соочува со најголемата криза досега
Каталонските партии кои се застапуваа за независност освоија мнозинство во регионалниот Парламент на Каталонија. Излезноста на изборите во Каталонија, рекордно висока, 82 насто. Шпанија се соочува со најголемата криза досега- оценуваат западните медиуми. Премиерот Рахој сака да преговара...

„Шпанската држава доживеа пораз на предвремените избори“, изјави разрешениот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон во Брисел, повикувајќи на нова рунда преговори со централаната влада. Со речиси 100 насто преброени гласови, коалицијата „Заедно за Каталонија“ освои 34 места, „Републиканската левица на Каталонија“ 32, а ултралевичарите од „Кандидатурата за народно единство“ ќе заземат 4 пратенички места. Со вкупно 70 пратеници, поддржувачите на независноста на регионот создадоа мнозинство во новиот парламент.
„Никој не може да го оспори резултатот. Овој пат победи каталонија. Поразени се и Рахој и неговите сојузници“, рече Пуџдемон.
И покрај големата поддршка за струјата што се залага за независност на регионот, не е на повидок брзо решение на шпанската криза ниту формирање на новата влада. Унионистичката „Граѓанска партија“ која е против независност од Шпанија освои 37 места и е најбројна политичка опција во 135-члениот парламент.
„Над милион гласачи во Каталонија застанаа зад нашата партија, нашите храбри луѓе отворено велат дека не сакаат поделба. Токму тие му испратија порака на светот. Мнозинството од граѓаните се чувствува како дел од Каталонија, од Шпанија и од Европа“, изјави Инес Аримадас, лидер на Граѓанската партија.
Најлош резултат имаше конзервативната „Народна партија“ на премиерот Маријано Рахој која доби само три пратенички места. „Сега е време за разговори“, порача Рахој од Мадрид. Претходно, шпанската влада воведе директна контрола врз каталонските институции и ги свика предвремените избори откако регионалните власти прогласија независност на референдум непризнат од официјален Мадрид. Во 2008, шпанските власти ја укинаа автономијата на регионот, што предизвика раст на сепаратистичкиот нацинализам во Каталонија.
Каталонските избори се главна тема во западните медиуми. Лондонски „Гардијан“ оценува дека шпанската Влада не успеа да ја постигне својата цел . „Индепендент“ коментира: Неочекуваниот резултат ќе има огромно влијание не само врз Шпанија, туку и врз ЕУ. Германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ смета дека по изборите постои закана од блокада на Каталонија, додека „Вашингтон пост“ оценува- шпанскиот премиер Рахој претрпел сериозен неуспех на изборите.
Маја Филдишев
