Пуџдемон бара нов дијалог со Рахој
Каталонските сепаратистички партии на предвремените избори обезбедија мнозинство во регионалниот парламент. Имаат 70 од вкупно 135 места. Карлес Пуџемон ова го толкува како пораз на шпанската држава. Сепак, поеднично, најдобар резултат оствари Унионистичката партија, што внесе нова неизвесност на тамошната политичка сцена. Најлошо поминаа конзервативците на Рахој...

„Шпанската држава доживеа пораз на предвремените избори“, изјави разрешениот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон во Брисел, повикувајќи на нова рунда преговори со централната влада на премиерот Маријано Рахој, чијашто партија освои само три пратенички места во составот на новиот парламент.
Со речиси 100 насто преброени гласови, коалицијата „Заедно за Каталонија“ освои 34 места, „Републиканската левица на Каталонија“ 32, а ултралевичарите од „Кандидатурата за народно единство“ ќе заземат 4 пратенички места. Со вкупно 70 пратеници, поддржувачите на независноста на регионот создадоа мнозинство во новиот парламент.
„Каталонија сака да биде независна земја. Тоа е желба на народот. Планот на премиерот Рахој не е ефикасен, па мора да најдеме нови методи за решавање на кризата“, изјави Пуџдемон.
И покрај големата поддршка за струјата што се залага за независност на регионот, не е на повидок брзо решение на шпанската криза ниту формирање на новата влада. Унионистичката „Граѓанска партија“ која е против независност од Шпанија освои 37 места и е најбројна политичка опција во 135-члениот парламент.
„Над милион гласачи во Каталонија застанаа зад нашата партија, нашите храбри луѓе отворено велат дека не сакаат поделба. Токму тие му испратија порака на светот. Мнозинството од граѓаните се чувствува како дел од Каталонија, од Шпанија и од Европа“, вели Инес Аримадас, лидер на Граѓанската партија.
Претходно, шпанската влада воведе директна контрола врз каталонските институции и ги свика предвремените избори откако регионалните власти прогласија независност на референдум непризнат од официјален Мадрид.
Каталонските избори се главна тема во западните медиуми. Лондонски „Гардијан“ оценува дека шпанската Влада не успеа да ја постигне својата цел . „Индепендент“ коментира: Неочекуваниот резултат ќе има огромно влијание не само врз Шпанија, туку и врз ЕУ. Германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ смета дека по изборите постои закана од блокада на Каталонија, додека „Вашингтон пост“ оценува- шпанскиот премиер Рахој претрпел сериозен неуспех на изборите.
Маја Филдишев
