Влада на РМ: Исклучените домаќинства од парно нема да плаќаат паушал
Владата уверува- исклучените домаќинства од централното градско греење од наредната година нема да плаќаат паушал. Планот е да се интервенира преку новиот Предлог- закон за енергетика. Уставниот суд во средата ја отфрли поднесената иницијатива од здружението „Но пасаран“, кое побара да не се плаќа надоместокот за парно. Се проценува дека се исклучени околу 12 илјади домаќинства.

Домаќинствата кои се исклучени од централното греење во Скопје, во 2018-та ќе бидат ослободени од плаќање паушал- соопшти Владата. Оттаму објаснуваат дека проблемот ќе се решава во рамките на новиот Предлог- закон за енергетика. Ќе се предвидат решенија во рамките на регулативата преку кои ќе се надмине ситуација- велат од „Илинденска“.
Градоначалникот на Скопје, Шилегов вели дека ја чекаат одлуката на Уставниот суд. Оваа институција во средата ја отфрли поднесената иницијатива од здружението „Но пасаран“, кое побара да не се плаќа надоместок за парно.
„Кога одлуката на Уставниот суд ќе биде доставена до надлежните министерства, во зависност од тоа што истата содржи, согласно ветувањето, ќе почнеме да работиме на законско решение согласно уставните норми“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.
Се проценува дека 12 илјади домаќинства се исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија. Тие плаќаат паушал во зависност од површината на станот. Како резултат на ова, граѓани секој викенд протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика.
Наташа Гркова- Петрушевска
