По изборот за претседател, на молитва в црква
„Луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, иако дел од нив некогаш знаат да бидат и погрешни“- новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера на молитва во црква на првиот ден од преземањето на функцијата. Побара мир и спокојство за себе и за граѓаните во Македонија. Од СДСМ до Мицковски- немојте да ја продолжите политиката на поделби...
Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски на првиот ден по преземањето на функцијата на молитва во црква. Побаравме мир, спокојство за самиот себе, за граѓаните во Република Македонија, рече Мицковски потенцирајќи дека луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, иако дел од нив некогаш знаат да бидат и погрешни.
По изборот на Мицковски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку соопштение коментира, оти граѓаните очекуваат новото раководство на опозициската партија да ги напушти досегашните политики на поделби.
Новото време на соработка, пријателство, напредок и заедништво ги отвора перспективите на Македонија како едно демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви спрема правата, обврските и законите- стои во дописот од Социјал демократите. Потсетувајќи на како што велат, црниот понеделник од пред пет години, сметаат дека граѓаните го казниле деструктивното владеење на Груевски. Преку политиките на заедништво, соработка, добрососедство и инклузивност повторно се градат врвните демократски вредности.
ВМРО-ДПМНЕ пак истакнува дека истекува цел месец откако, како што велат, десетици патриоти се во притвор поради прогонот на Социјал демократите. Бараат безусловно запирање на сите процеси на политички прогон. Итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС и итно пуштање на слобода на сите притворени лица, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Миле Ристески
