Свет

Божик под силно полициско обезбедување

25.12.2017 12:48

Годинашните прослави за католичкиот Божик под силно полициско обезбедување. Поглаварот на римокатоличката црква Папата Франциск повика на солидарност со бегалците чијшто број веќе надминува 22 милиона на глобално ниво. Во Витлеем годинава помал број на туристи поради немирите по одлуката на Трамп за статусот на Ерусалим...

На бадниковата миса, Папата Франциск ги повика Римокатолиците да не ја занемаруваат маката на мигрантите и бегалците кои биле принудени да ги напуштат родните огништа поради самоволието на безмилосните лидери.

„Секој треба да чувствува дека има место на планетава. Божик е време кога стравот се претвора во дарување кое не може да се развива покрај неправда“, изјави Папата Франциск, поглавар на Римокатоличката црква.

И покрај протестите поради одлуката на САД за статусот на Ерусалим, христијаните присуствуваа на Божикната миса во Црквата на Христовот раѓање во Витлеем.

Одлуката на еден човек не може да влијае врз Светата земја. Ерусалим му припаѓа секому и секогаш ќе биде така, независно од тоа што зборува Трамп.

Посетата ја откажаа многумина. Јас мислев дека треба да им дадеме поддршка на Палестинците.

Не се плашам. Овде има силно обезбедување, се чувствувам сигурно. Одлично место за христијаните на Божик“- велат верниците во Ерусалим.

Под силно полициско обезбедување се слави Божик и во пакистанскиот пристаништен град Карачи. Минатата недела во напад врз црква загинаа девет луѓе.

Не се плашиме, Божик го славиме слободни и со целосна поддршка од властите кои презедоа безбедносни мерки. Ние сме Пакистанци, си ја штитиме земјата и не им дозволуваме на терористите да успеат во своите цели.

Во Сан Диего, Калифорнија, католичкиот Божик се одбележува во поинаков амбиент.

Моето семејство ја негува традицијата. Секој Бадник сме овде.

И додека светот се обидува свечено да го одбележи Христовото раѓање, Северна Кореја ги лиши своите граѓани од прославите за католичкиот Божик, а оние коишто му се спротивставуваат на лидерот Ким Јонг-ун се соочуваат со брутални казни. Поради изолираноста на земјата, на голем дел од граѓаните не им е познато значењето на украсените елки во Пјонгјанг.

Маја Филдишев