Апелација одлучува за снимката на Заев

25.12.2017 14:58

Ново одложување на судскиот процес „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев. Ќе се чека одлуката на повисокиот суд, дали видеоснимката која протече во јавноста може да се користи како доказ во постапката против него. Адвокатскиот тим на Заев, бара од советот на Апелација да ја издвои од доказите. Заев е обвинет дека побарал и земал поткуп во висина од 160 илјади евра од струмички бизнисмен за легализација на земјиште.

Снимката во која се гледа дека премиерот Зоран Заев, тогаш градоначалник на Струмица бара поткуп од локален бизнисмен е направена со агент провокатор– смета адвокатот на претседателот на Владата. Во жалбата пред Апелацискиот суд бранителите побараа снимката којашто е направена со примена на полициските посебни истражни мерки да се издвои од доказите и да не се користи како аргумент пред судот од причини што, како што вели адвокатот – видеото е незаконски снимено и е спротивно на наредбата на јавниот обвинител.

Обвинителот пак смета дека наредбите се законски и побара од Советот да ја одбие жалбата и да ја потврди одлуката на кривичниот совет според која, тааќе биде дел од доказите. Обвинетиот Заев изјави дека каква одлука и да донесе Апелација, ќе ја почитува.

Штом се произнесе по ова прашање, предметот од Апелација ќе се врати во Основниот суд и судењето ќе почне на 29-ти јануари.

Откако изутрината се одложи уште едно рочиште за случајот Поткуп, од ВМРО – ДПМНЕ велат - додека судењата за луѓето од ВМРО-ДПМНЕ се процесуираат експресно, рочиштата за Заев се одлагаат и за повеќе од еден месец. Изговорите на Заев за неприсуствување на судските рочишта се потрошија, велат од опозициската партија, па сега на изговори го принудува судот.

Во случајот „Поткуп“ Заев е обвинет дека побарал и земал мито во висина од 160 илјади евра од струмички бизнисмен за легализација на земјиште.

Анита Димитријевска