Верниците на свечена литургија за Божик
Желби за здравје, мир и подобро утре си посакаа православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар и го празнуваат Божик, денот на Христовото раѓање. Уште од изутрина голем број граѓани присуствуваа на свечената литургија во храмот „Пресвето срце Исусово“ во Скопје. Монсињор Антун Циримотиќ им порача на верниците според божјите заповеди да имаат верба во Бога...
На утринската свечена литургија верниците му се помолија на Бога за духовен мир и здравје, за себе и за ближните. Овој ден, велат е највозвишен од сите. Божикното утро ја носи најголемата радост, веста за раѓањето Христово. Верниците кои денеска го празнуваат Божик си посакаа многу желби. Веруваат дека со молитва ќе им се остварат.
Луѓето можат да бидат вистински среќни во душата и во телото само ако се свртат кон Бога и ги следат неговите заповеди. Само така ќе се дојде до благосостојба и мир меѓу луѓето, во семејството, но и во општеството- вели монсињор Антун Циримотиќ, кој им порача на верниците да се вратат кон вистинските вредности во животот.
Христијаните кои се водат по новиот, Грегоријански календар вчера го прославија Бадник. Во катедралата „Пресвето срце Исусово“ во Скопје беше одржана традиционалната полноќна света литургија на која беше прочитана Божикната порака.
Викторија Милевска
