„Урби ет орби“ со порака за мир за Ерусалим
Католичкиот Божик во светот се слави со силно полициско обезбедување. Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск повика на солидарност со бегалците, чијшто број на глобално ниво веќе надмина 22 милиона. Во Витлеем годинава помал број на туристи поради немирите по одлуката на Трамп за статусот на Ерусалим...

Во традиционалното обраќање „Урби ет орби“, Папата Франциск испрати порака и „до градот и до светот“ за мир за Ерусалим и дијалог меѓу Израел и Палестина. Говорот за божикните празници на Римокатолиците им го посвети и на бегалците и мигрантите, повикувајќи на солидарност за сите кои принудно ги напуштиле родните места поради самоволието на безмилосните лидери.
„Да се помолиме дека ќе надвладее волјата за натамошен дијалог меѓу страните и дека конечно ќе се постигне решение преку преговори, со кое ќе се овозможи мирен соживот на двете држави во рамките на договорени и меѓународно признати граници. Исус е на лицата на децата од Сирија, на децата од Ирак, Јемен, Африка, насекаде каде се загрозени мирот и безбедноста“, нагласи Папата Франциск.
И покрај протестите поради одлуката на САД за статусот на Ерусалим, христијаните присуствуваа на божикната миса во Црквата на Христовот раѓање во Витлеем.
„Одлуката на еден човек не може да влијае врз Светата земја. Ерусалим му припаѓа секому и секогаш ќе биде така, независно од тоа што зборува Трамп.“
„Посетата ја откажаа многумина. Јас мислев дека треба да им дадеме поддршка на Палестинците.“
„Не се плашам. Овде има силно обезбедување, се чувствувам сигурно. Одлично место за христијаните на Божик“- велат верниците.
Под силно полициско обезбедување се слави Божик и во пакистанскиот пристаништен град Карачи. Минатата недела во напад врз црква загинаа 9 луѓе.
„Не се плашиме, Божик го славиме слободни и со целосна поддршка од властите кои презедоа безбедносни мерки. Ние сме Пакистанци, си ја штитиме земјата и не им дозволуваме на терористите да успеат во своите цели.“
Во Сан Диего, Калифорнија, Божик во поинаков амбиент.
„Моето семејство ја негува традицијата. Секој Бадник сме овде.“
И додека светот се обидува свечено да го одбележи Христовото раѓање, Северна Кореја ги лиши своите граѓани од прославите за католичкиот Божик, а оние коишто му се спротивставуваат на лидерот Ким Јонг-ун се соочуваат со брутални казни. Поради изолираноста на земјата, на голем дел од граѓаните не им е познато значењето на украсените елки во Пјонгјанг.
Маја Филдишев
