Два анекса со „Синохидро“, корекција на роковите и на сумата
Со кинеската компанија „синохидро“, задолжена за изградба на автопатите, ќе се потпишат два анекса на договорот за делницата Кичево- Охрид, соопшти министерот за транспорт. Рокот за изведба ќе се продолжи за три години. Ќе бидат потребни и дополнителни средства. Сѐ уште се прават пресметките...
Владата сѐ уште преговара, до крајот на јануари се очекува немсто еден, да бидат потпишани два анекса на договорите со „Синохидро“ за автопатот Кичево Охрид. Едниот за продолжување на роковите за градба, другиот корекција на цената за доизградба, тврди министерот за транспорт Сугарески. Детали за сумата не открива, но најверојатно за повеќе од стотина милиони ќе поскапи, од веќе договорените 373 милиони евра.
„За дополнителната сума сѐ уште се прегвара и затоа најверојатно ќе се оди со два анекса на договор. Првиот ќе биде само со продолжување на рокот и најверојатно ќе се потпише до 31-ви јануари следната година, кога истекува рокот за изградба на автопатот, а потоа ќе следи анексот за дополнителната сума. Без добра проектна документација само ќе потпишуваме анекси на договори за изградба на патиштата“, вели министерот за транспорт, Горан Сугарески.
Досега се завршени половина од работите, колку пари ќе побара кинеската компанија ќе зависи од ангажманите по допроектирање на делницата кај клучките и споредните патишта, што не биле дел од првичниот договор. Се очекува автопатот долг 57 километри да биде готов за три години.
Сугарески негира дека државата им должи пари на фирмите што ги работат градежните активности, но вели можно е компаниите да не им исплаќаат средства на ангажираните работници, поради што негодуваат.
Наскоро се очекува да почне и изградбата на експресниот пат Штип- Радовиш, продолжување на делницата Миладиновци- Штип, за што се обезбедени 28 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
Министерот најавува тендер по доработка на веќе почнатата проектната документација за автопатско поврзување на Скопје- Блаце и на патот кон Албанија.
Сузана Фиданска Стоевска
