Протести против помилувањето на Фуџимори, полицијата употреби солзавец
Насилни протести во Перу поради одлуката за помилување на екс- претседателот Фуџимори. Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата од илјадници демонстранти. Претседателот Педро Пабло Куцински го помилува неговиот претходник поради здравствени причини...

Повеќе илјади луѓе излегоа на улиците на Перу во знак на протест поради помилувањето на поранешниот претседател Алберт Фуџимори. Полицијата со солзавец им се спротивстави на демонстрантите во Лима.
„Претседателот кучински да си поднесе оставка! Повторно да се обвини извршителот на геноцид Фуџимори! Народот се обединува во народно востание“.
Поранешниот претседател на Перу во 2009-та беше осуден на 25 години затвор за злосторства против човештвото за време на владеењето од 1990-та до 2000-та година. Тоа беше прва пресуда на демократски избран шеф на држава на една латиноамериканска земја пред домашен суд. Претседателот на Перу, Педро Пабло Кучински во неделата ја соопшти одлуката за помилување на поранешниот претседател. Кучински рече дека одлуката да го ослободи Фуџимори ја донел од хумани причини откако лекарите соопштиле дека поранешниот лидер на Перу е неизлечиво болен.
„Убеден сум дека сите оние што се сметаат за демократи не би дозволиле Алберто Фуџимори да умре в затвор. Правдата не е одмазда. Мојата одлука е комплексна и тешка, но е сепак моја одлука. Јас не можам да бидам претседател само на оние што гласаа за мене, јас сум претседател на сите Перуанци“, изјави претседателот на Перу, Педро Пабло Кучински.
Одлуката за помилување следуваше по гласањето за импичмент на претседателот на Перу. Парламентот не го изгласа отповикот на шефот на држава кој обидот за импичмент го нарече обид за државен удар.
Кучински се бореше за политички опстанок откако истрагата на опозицијата покажа дека бразилскиот конгломерат Одебрехт, кој се најде во центарот на најголемиот корупциски скандал во Латинска Америка, уплатил 782.000 долари на сметката на приватна консултантска фирма на Кучински пред 10 години.
Перуанскиот претседател е на функција од јули 2016 откако на изборите ја порази Кеико Фуџимори, ќерка на Алберт Фуџимори. Таа оттогаш ја предводи опозицијата.
Марина Ристова
