Потребни се инвестиции за развој на туризмот
Инвестиции за современи патишта за развој на туризмот. Еснафот бара да се преиспита неодамна промовираната стратегија за развој на оваа гранка, бидејќи се пробиваат најавените рокови за изградбата на важниот автопат Кичево- Охрид, кој ќе биде завршен дури за три години...

За да се развие туризмот како гранка се потребни инвестиции во современи патишта и друга транспортна инфраструктура. Туристичкиот еснаф укажува дека неодамна промовираната стратегија за развој на овој сектор до 2021-ва веднаш се става под прашалник, затоа што се пробиваат најавените рокови за изградба на важниот автопат Кичево- Охрид, кој ќе биде завршен дури за три години и ќе чини стотина милиони евра повеќе од првично договореното.
„За бизнисот тоа е голем удар затоа што мислиме дека дополнитените 120 милиони евра, покрај оние 370 милиони, ќе биде голем товар за економијата на нашата држава. А знаеме дека имаме и други приоритети и како држава и како бизнис сектор, каде со години чекаме реализирање на инфраструктурата како кон Косово кое е стратегиски партнер. Како извозно ориентирана држава треба да бидеме насочени кон капитални инвестиции од кои ќе имаме финансиска придобивка, а не да инвестираме некаде каде што немаме придобивка. Мислам дека оваа инфраструктура од Кичево до Охрид ќе го отежне и развојот и буџетот на државата и треба претходно да се направат „кост бенефит“ анализи во која насока и каде да се насочи буџетот и инвестициите“, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Хоџа најави дека приоритет ќе им се дава на оние гранки од туризмот каде што би имале побрзи ефекти и придобивки, како што се: конференциски туризам, планински, термален, езерски туризам. Тој најави и разговори за тоа во кои насоки би требало да се ориентираат политиките на поддршка на власта. Не е сеедно дали од Скопје до Охрид ќе стигнете за три, или за час и половина, потсетуваат туроператорите.
„Туризмот го гледаме како индустриска гранка во Македонија која реално има добра позиција само треба стратегии и менаџмент со природните ресурси што ги има Македонија. Многу е важна екологијата, без добра инфраструктура во сообраќајот, патиштата, ние не ќе можеме да покажеме резултати во другите гранки“, смета Хасан Шаќири, претседател на Стопанската комора за туризам на Македонија.
За осум години туристичкиот сектор забележал раст од 100 насто, велат од Министерството за економија, а целта е да се дојде до посакуваните три милиони ноќевања или еден милион посетители, а сега сме на бројката од 900 илјади евидентирани гости годишно.
Свето Николовски
