САД: Чикаго окован со мраз, отворени места за загревање

27.12.2017 12:39

Чикаго е окован од мраз, а властите отвориле места за загревање. Прогласена е вонредна состојба во најзагрозените места, а во Пенсилванија се забележани 86 сантиметри снежни навеви...

Температурата во американскиот град Чикаго во последните неколку дена драматично опадна и се спушти дури и до минус 20 степени. Поради екстремно студеното време проследено со обилни снежни врнежи, во одделни локации во градот се отворени т.н. „места за загревање“.

„Нашите екипи работат 24 часа на ден. Вршат фантастична работа, но со оглед на количеството снег навистина е тешко“, изјави Мат Ексли, координатор.

„Најтешко беше на крајот од патеката. Се пробивав веројатно повеќе од еден час. Снежната покривка беше повисока од машината за чистење снег.“

„Се што можев да правам е да се смеам. Знаете, малку е смешно, но продолжив да чистам.“

Според последните информации, ова се најниските температури во Чикаго во последните неколку години. Властите ги предупредија жителите на опасност од смрзнување, нагласувајќи дека не би требало да престојуваат на отворен простор повеќе од 30 минути. Делови од езерото Мичиген се замрзнати.

Во едно гратче во државата Пенсилванија снежната покривка изнесува 86 сантиметри, поради што е прогласена вонредна состојба. Снегот го прекрил целиот град, а полицијата издаде предупредување до возачите да внимаваат од опасност на патиштата. Метеоролозите за денеска најавија нова снежна бура.

Властите прогласија состојба на елементарна непогода и вонредна состојба.

 

Марина Ристова