Израел преговара со десет држави за преместување на амбасади во Ерусалим
Израел преговара со десет држави за преместување на нивните амбасади во Ерусалим. Прекинувајќи ја долгогодишната политика, на 6-ти декември претседателот на САД, Трамп официјално го прогласи светиот град за израелска престолнина. Во моментов во Ерусалим нема амбасади...

Заменик-министерката за надворешни работи на Израел, Ципи Хотовели потврди дека нејзината влада комуницира со најмалку 10 земји, вклучувајќи и неколку од Европа, за можно преместување на нивните амбасади во Ерусалим.
Гватемала веќе ги објави плановите за селидба од Тел Авив во Светиот град по сличната одлука на Соединетите Американски Држави, кои во почетокот на месецот еднострано го прогласија Ерусалим за израелска престолнина.
„Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп ќе резултира со бран од следбеници. Ова е историски момент за дипломатијата. Народот ќе запамети дека претседателот на САД, најважната велесила во светот, реши да ги прекрши правилата“, изјави Ципи Хотовели, заменик- министер за надворешни работи на Израел.
По неочекуваната одлука на Белата куќа, Генералното собрание на Обединетите Нации со 128 гласови „за“ ја поддржа резолуцијата со која се поништува потегот на Вашингтон. На вонредната седница, покрај САД, Гватемала, Израел и уште шест земји гласаа „против“ мерката. Ниедна европска земја не се спротивстави на резолуцијата, но неколку од нив беа воздржани.
Револтиран од осудата на мнозинството, претседателот Трамп го намали финансискиот придонес во Обединетите Нации за 285 милиони долари планиран за идната фискална година.
Статусот на Ерусалим е едно од главните прашања во обидите за решавање на Изралеско-палестинскио спор. Палестинските челници сакаат да го заземат источниот дел од градот за престолнина на идната држава, а Израел смета дека Ерусалим не може да се дели.
Маја Филдишев
