Царовска: Трансформација на институциите за згрижување

27.12.2017 12:59

Ресорното министерство подготвува деинституционализација на одредени згрижувачки објекти, најави министерката Царовска која беше заедно со децата без родители на претставата „Зимска бајка“ во Театарот за деца и млади...

Децата без родители и родителска грижа згрижени во институциите во Скопје ги знаат месеците, бројат чекајќи го денот кога ќе бидат сместeни во згрижувачко семејство. Оваа форма е најблиска до биолошката заедница. Надлежните велат, дека за две години би требало да биде реалност тоа, бидејќи работат на Стратегија на трансформација на големите институции за згрижување.

„Процесот на деинституционализација или процесот на трансформирање на големите нехумани институции е почнат. Во фокусот се децата во „Демир Капија“ и бебињата од Битола како прв излез и потоа ќе се оди група по група и сите да добијат соодветно сместување“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Подготовките за деинституционализацијата на дечињата кои се сместени во Демир Капија се почнати, вели ресорната министерка. Сега со нив работи тим од негуватели кој им помага во процесот на осамостојување во зависност од попреченоста која ја имаат. До средината на 2018-та се планира првата група да го напушти Заводот.

Во Театарот за деца и младинци, децата без родители и родителска грижа, пред да ги добијат пакетчињата уживаа во претставата „Зимска бајка“, со копнеж дека и тие ќе ја живеат својата бајка.

Наташа Јанчиќ