Изготвени измени на закони во правосудството и внатрешните работи
Владата усвои повеќе предлог- закони за измени и дополнувања на повеќе законски решенија кои се однесуваат на дел од легислативата во правосудството, внатрешните работи и полицијата, како и на регулативата за работата на безбедносните служби, како дел од итните реформи опфатени со Планот 3-6-9, потврди портпаролот на Владата, Бошњаковски.

Владата ќе го достави до Собранието предлог- законот за основање на Оперативно-техничка агенција. Со него е предвидено ова тело да им овозможува на овластените органи, како УБК, Министерството за одбрана, МВР, Јавното обвинителство, Царината и Агенцијата за разузнавање да ги следат комуникациите. Со предложеното решение, се регулира како ОТА ќе врши стручен надзор врз оператотите, како и финансирањето на оваа агенција.
Новиот Закон за следење на комуникациите, пак, покрај функционирањето на ОТА, треба да обезбеди и поголема контрола и надзор над работата на безбедносните служби и на системот за следење на комуникациите, велат од Владата.
Со измените во Законот за јавно обвинителство, се предвидува формирање посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Овие предмети ќе ги води новоформираното специјализирано судско одделение во Кривичниот суд. Ова одделение ќе има надлежност на цела територија на Република Македонија.
Владата го усвои нацрт- законот за дополнување на законот за извршување на санкциите, како и предлог- закон за изменување и дополнување на законот за кривичната постапка.
Фиљана Кока
