Судењето за случајот „Насилство во Центар“ ќе почне од почеток

27.12.2017 14:34

Судењето за „Насилство во општина Центар“ ќе почне од почеток, а причина за ова е смена на судечкиот судија кој согласно новиот годишен распоред ќе суди во друг оддел. Новото рочиште е закажано за втори февруари...

Судењето за предметот на СЈО „Насилство во општина Центар“ во новата година тргнува од почеток. Причината е тоа што судијата со новиот годишен распоред во Кривичен е распореден во друг оддел.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој според обвинението го нарачал насилството, изјави дека станува збор за процес со кој власта сака да му се одмазди за, како што рече, 11 години порази во изборните циклуси.

Ново рочиште е закажано за втори февруари. Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски рече дека нема пречки да се суди одново.

Во овој процес се обвинети 14 луѓе. Од нив, двајца признаа вина и добија правосилни условни казни. Во обвинението пишува дека Никола Груевски, како лидер на партијата, преку сопартиецот Миле Јанакиески нарачал насилство во општината Центар, кое се реализирало со помош на поранешните советници- Даниела Рангелова, Томислав Лазаров и Јордан Ристовски.

 

Анита Димитријевска