Од утре бесплатен јавен превоз во Скопје
Поради големата загаденост на воздухот Градот Скопје донесе одлука за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници...

Од утре јавниот превоз во Скопје ќе биде бесплатен, најави градоначалникот Шилегов. Мерката ќе важи до намалување на загаденоста на воздухот. Тој ги повика сите градоначалници од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да се поднесе новонастанатата ситуација.
Шилегов апелира граѓаните да не ги користат возилата без потреба и да се користи јавниот градски превоз. Се прекинуваат сите градежни активности на објектите под ингеренција на градот.
Градоначалникот информираше дека во изминатите денови е вршен интензивен инспекциски надзор на инсталации што подлежат на одобрување на Елаборат за животна средина, со мерење на емисии во воздух, при што е утврдено дека ниту една инсталација не ги надминува граничните вредности.
Интензивирана контрола имало и на градилиштата. Комуналните инспектори на Град Скопје направиле 1.234 контроли и изрекле 25 казни на компании заради непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота.
