Воздухот во Скопје загаден над дозволеното ниво, стапија во сила интервентните мерки

27.12.2017 16:02

Енормното загадување на воздухот го вклучи алармот. Бремените жени, хронично болните, астматичарите, луѓето со преживеан инфаркт и мозочен удар треба да се ослободат од работа. Донесена е одлука за бесплатен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници...

Бремените жени, постарите од 60 години, хронично болните со астма, срцев или мозочен удар да се ослободат од работа- ова е една од владините мерки која стапи во сила, откако во два последователни дена е измерена висока загаденост на воздухот. Се предлага реорганизација на времето за оние што работат на отворено.

„Државните институции имаат обврска да ги намалат своите возила на 50 проценти кои ги користат во секојдневната употреба, ќе има зајакната контрола на здравствените домови и во Итната медицинска помош. Отворени ќе бидат центрите за бездомници. Паралелно ќе има засилена контрола на инспекциските органи“, изјави Јани Макрадули, заменик- министер за животна средина.

Во Скопје, бесплатен јавен превоз со автобусите на ЈСП и на приватните превозници. Се бара стопирање на сите градежните активности. Градоначалникот вели дека се интензивирани контролите на фирмите и на градилиштата. Изречени се 25 парични казни. Шилегов апелира без потреба да не се користат возила.

„Замолуваме за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво, стиропор, пет мабалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Граѓаните веруваат дека овие мерки ќе дадат одредени резултати, но бараат долгорочно решавање на проблемот со аерозагадувањето.

„Верувам дека ќе следат и други мерки бидејќи ова не е доволно и за нас остнатите што не се вклопуваме во нив. Дополнителните мерки можат само да подобрат.“

„Јас мислам дека треба да има пар- непар на возилата. И најголемите загадувачи да се најдат и да се затворат, ништо друго.“

„Еве јас страдам од алергиска астма имав опструкции, цела ноќ не сум спиела.“

„Да се намалат возилата, старите возила, особено тие што се увезени“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Концентрацијата на штетните микочестички во воздухот е неколку пати над дозволените граници, на некои мерни станици достигнуваат и повеќе од 500 микрограми на кубен метар кубен.

 

Андријана Атанасовска