Пратенички прашања во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствува
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да учествуваат на седницата посветена на пратенички прашања Премиерот Зоран Заев, вчера изјави дека очекува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието и да присуствува на оваа седница...

Собранието ќе ја одржи последната седница годинава. На дневен ред се пратеничките прашања. Ова се вторите по ред пратенички прашања за премиерот Заев и за владините министри.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Собранието. Според соопштението, на координација одлучила во наредниов период да ги дефинира чекорите за натамошно делување.
Вчера средбата на координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Тунтев и Ѓорчев завршила без конкретен договор. Пратениците од опозициската партија, како што стои во дописот, ја повторија поддршката за неправедно притворените колеги и останатите граѓани во врска со настаните од 27-ми април, реафирмирајќи ги позициите дека правото не смее да биде погазено од мотивите за политички прогон.
Одговорност на власта, односно мнозинството на СДСМ е да обезбеди нормално функционирање на Собранието, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Република Македонија може да напредува само доколку законодавниот дом функционира во демократска атмосфера каде што ќе бидат создадени услови за учество на опозицијата и нејзино партиципирање во носењето на законите, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ повторно да учествуваат во работата на Парламентот, во спротивно вели, седницата за пратенички прашања ќе биде многу кратка, бидејќи не планира да одговара само на мнозинството.
Од изборот на новата Влада, прашања од народните избраници до извршната власт имаше единствено минатиот месец, додека во септември и во октомври пратеничките прашања не се реализираа поради локалните избори.
