Здравство

Филипче: Нема инсулинска криза, лекот е пуштен во продажба

28.12.2017 12:40

Нема инсулинска криза- тврди новиот министер за здравство Филипче. Поради несоодветната документација и ненавремената достава, за дистрибутерот прекршочна пријава. Од Агенцијата за лекови апелираат за навремено обезбедување на потребните количества инсулин...

Нема инсулинска криза во Македонија, лекот е пуштен во продажба- потврди новиот министер за здравство, Венко Филипче. Објаснува дека главниот проблем поради кој се јавил недостиг била долготрајната процедура за набавка.

„Наоѓаме начин тендерската процедура од една година да се зголеми на две години, начинот на набавување лекови да биде подолг, еден квартал, три или четири месеци, за во ниеден момент да не дозволиме да се јави недостаток на тие лекови“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Изминатиот месец, речиси 50 илјади дијабетичари мака мачеа да дојдат до инсулин. Од надлежната Агенција велат дека се вршело испитување на квалитетот на лекот што во земјава бил дистрибуиран кој крајот на ноември. По извршените инспекциски контроли, Агенцијата за лекови донесе решение за пуштање во промет. Оттаму велат дека при првичната контрола било утврдено дека немало соодветна пријава за тоа каде е произведен лекот, а за пропустот е веќе поведена прекршочна постапка. Агенцијата бара доставувачите навреме да ги обезбедуваат потребните количества.

Во меѓувреме, Филипче по стапувањето на функција најави целосна реформа во здравствениот систем. Предвидени се измена на Законот за паралелен увоз на лекови, воведување сертификат за квалитет, систем за следење за да се знае која доза лек каде завршила. Исто така, најавено зголемување на платите за пет проценти на медицинскиот персонал во втората половина на следната година и на надоместоците за дежурства.

„Дежурство кое сега се плаќа од 900 до 1.340 денари во работен ден ден, од март или април ќе биде платено 2.500 до 3.000 денари, а викенд дежурството кое сега е 2.800 денари или 2.900 денари ќе биде платено 4.000 денари“, изјави министерот Филипче.

Филипче вети и решавање на сообраќајниот хаос во и околу Клиничкиот центар.

 

Андријана Атанасовска