МРТ- 73 години во етерот
Македонската радио- телевизија во континуитет и професионално ги бележи настаните како на филмска лента. Се сменуваат генерации, едни доаѓаат, други заминуваат во пензија. Дел од нив говорат за нивниот ангажман во јавниот сервис...

73 години во етерот одекнува гласот на Македонското радио. Информации, вести, дебати, репортажи- дојде до израз креативноста на првите новинари кои успеаа со збор да го илустрираат тоа што со слика дваесет години подоцна се објави на првите црно- бели екрани. Македонската радио- телевизија како прв електронски хроничар на најважните општествени, културни и политички збиднувања го прославува денот кога граѓаните добија свој радиодифузен сервис.
„Тој дел во радиото ми беше убав дел, го чувствувам на еден убав начин. Почнав да се изградувам како репортер, коментатор. Тоа беше редакција со извонредна професионалност, особено за млади луѓе, предводена од луѓе кои зад себе имаа новинарско минато“, вели Златко Калински, спортски новинар.
„Морав да учам што е камера, како се стигнува до добар кадар, која ти е брзината на движење, особено во спортските емисии. Сѐ е тоа ново, учење, искуство кое го стекнуваш со текот на годините. Никој од нас не дошол готов“, изјави Мики Грбевски, камерман.
Обврзан да емитува точни и навремени информации, Македонската- радио телевизија се уште е расадник на таленти, ги спојува креативноста на младите и искуството на постарите- со единствена цел, финалниот производ испорачан до публиката да ги задоволува модерните и професионални стандарди на новинарството од 21 век.
„Нашата професија е таква, секој ден во движење, секој ден создавање нешто ново, нешто секојдневно што мора да отиде, нешто трајно што ќе остане за иднинте генерации. Сум се трудел секогаш, барем да ставам по некој печат, да оставам едно делче од себе, во сѐ што сум направил како творештво, како програма за нашите гледачи“, вели режисерот Миле Гроздановски.
Со повеќе од седум декади во етерот, МРТ имаше и тешки периоди – но тоа не беше пречка за визијата на професионалците кои работеа во куќата и продуцираа содржини од колажен профил. Емисии за деца, за ранливите категории, за дијаспората. Негувањето на македонскиот јазик остана приоритет, не се занемари ниту обврската за продукција на едукативни, културни, информативни теми на јазиците на народностите.
Анита Димитријевска
