Јавна дебата за Предлог- законот за амнестија

28.12.2017 13:43

Јавна расправа по Предлог- законот за амнестија во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Се предвидува ослободување на речиси 670 лица на затвор до шест месеци, а за 3.097 лица намалување на казната за 30 насто. Тешките дела, со овој предлог се изземени од амнестија.

Собраниската Комисија за политички систем без присуство на опозицијата го поддржа донесувањето на Законот за амнестија. Со законот ќе се амнестираат околу 670 затвореници осудени на до шест месеци затворска казна и 30-процентно ќе се намали казната на 3.097 осуденици.

„Да ги разгледаме сите ваши сугестии, вашите предлози, со цел изготвување на еден законски текст кој ќе биде поквалитетен“, изјави Биљен Саљији, министер за правда.

Народниот правобранител со забелешка зошто одлуките за амнестија ќе ги носат само судовите, а не и Министерството за правда.

„Како институција инсистираме делот на постапката за спроведување на законот да се прецизира до детали, и да се рздели во управна и во судска постапка“, рече Иџет Мемети, Народен правобранител.

Пратениците побараа со амнестијата да бидат опфатени и други кривични дела и лица коишто немаат правосилна казна.

„Од амнестија се изземаат, меѓудругите и оние осудени на доживотен затвор. Парадоксот е јасен, амнестијата за оние до шест месеци се предвидува заради нечовечки услови во затворите и претрупаноста, а на овие им останува да поминат цел живот во тие нечовечки услови“, вели Ферид Мухиќ, пратеник.

Укинување на казната доживотен затвор и замена со казна затвор од 25 години и можност за повторување на судењето, беа дел од барањата на невладините организации коишто учествуваат на јавната расправа во Собранието.

Фиљана Кока