Подобрување на правата на најмалите
Подеднакви права на родителите по развод, прифатилишта за деца- жртви на семејно насилство и за корисници на дрога, соодветно образование во училиштата – дел од предлозите на првата детска амбасада „Меѓаши“ за подобрување на правата на најмалите. До пратениците порака- да се прогласува вонредна состојба кога нивото на загаденост на воздухот е високо...

Дојави на СОС- телефонот за сексуална злоупотреба од малолетници врз малолетници регистрира првата детска амбасада „Меѓаши“. Годинава постапувале при прекршување на правата на децата низ бракоразводна постапка, при семејно насилство, сексуална злоупотреба, злоупотреба на детскиот труд. Ова се и најчестите пријави кои ги добиваат преку телефонот.
„Меѓаши“ предлага родителите да имаат подеднакви права по развод, да постои прифатилиште за деца- жртви на сексуална злоупотреба, соодветно сексуално образование во основните училишта, отворање Центар за ресоцијализација и рехабилитација на деца- корисници на дрога, задолжително посетување градинка од три години за да се реши проблемот со питачењето.
Првиот човек на „Меѓаши“ го претстави извештајот за застапеноста на детските права во Собранието. Направен е напредок, но недоволен.
Од „Меѓаши“ апелираат до пратениците да не дозволат децата да се изложуваат на енормната загаденост на воздухот, односно да се прогласува вонредна состојба кога микрочестичките се над 50.
Ана Јосифоска- Тодоровска
