Граничен спор: Хрватска не ја признава одлуката, Словенија планира спроведување на мерките
Истекува рокот за примена на арбитражната пресуда за граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија. Официјален Загреб не ја признава одлуката, а Љубљана планира еднострано спроведување на мерките. Истарската полиција ги предупреди рибарите да не ја минуваат линијата кај Пиранскиот залив.

Хрватското министерство за надворешни и европски прашања испрати дипломатска нота до Словенија за да се воздржи од еднострано спроведување на мерките од арбитражната пресуда за граничниот спор околу Пиранскиот залив. Премиерот Пленковиќ повика на конструктивен дијалог и предупреди дека ќе штити сѐ што смета дека е хрватско.
„Според меѓународното право, арбитражната одлука, не може да се спроведе без поддршка од двете страни. Очекувам Словенија да се воздржи од еднострани потези и да избегне потенцијални инциденти“, вели Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска.
Словенечкиот премиер Миро Церар реплицираше дека не очекува проблем доколку Хрватска ја почитува граничната линија која беше утврдена од Судот и е меѓународна обврска на двете земји.
„Официјалниот почеток е на 30 декември. Ќе ја активираме усвоената легислатива. Ќе се маркира државната граница и сите составни делови. Потоа ќе се спроведуваат регулативите. Сите владини оддели, вклучувајќи ги и министерствата, координирано ќе ја спроведуваат одлуката на Арбитражниот суд“, изјави Миро Церар, премиер на Словенија.
Од Министерството за надворешни работи на Словенија смируваат: Нема да предизвикаме инциденти, но ако не се испочитува правото на ЕУ, ќе воведеме санкции за Хрватска или ќе ја тужиме пред Судот во Луксембург.
Според арбитражната одлука, поголемиот дел од Пиранскиот залив е територија на Словенија за да има пристап до меѓународното море. За Загреб, процесот е компромитиран, бидејќи словенечкиот претставник во Судот и дел од Министерството за надворешни работи манипулирале со изнесувањето на словенечките аргументи и лобирале кај некои од судиите. Во 2015-та година, Хрватска отстапи од арбитражата.
Маја Филдишев
