Голем пожар во зграда во Бронкс, 12 загинати

29.12.2017 12:48

Пожар во Њујорк. 12 луѓе загинаа во огнена стихија што избувна во станбена зграда во Бронкс. Четворица сѐ уште се борат за живот. Глетката била ужасна- велат очевидци. Пожарот почнал на првиот кат и набргу се проширил. Слична трагедија се случи и во Индија. 16 луѓе го загубија животот во пожар што зафати ресторан во Мумбај...

Дванаесет луѓе загинаа, меѓу кои и едно бебе во голем пожар што изби во станбена зграда во Бронкс, Њујорк. Пожарот избил на првиот кат на една зграда, по што се раширил на повеќе катови. Шефот на пожарникарската служба, Даниел Нигро рече дека се истражува причината за пожарот, и додаде дека пожарникарите успеале да спасат 12 луѓе. Би-би-си ги пренесува сведочењата на преживеаните кои изјавиле дека луѓето умирале врескајќи. Њујоршкиот градоначалник Бил Де Блазио соопшти дека лекарите се борат за животот на четири луѓе.

„Ова е најголемата трагедија што сме ја виделе во овој град во последните 25 години. Ги повикувам сите граѓани да се молат за сите што се засегнати во оваа трагедија“, изјави градоначалникот де Блазио.

Медиумите наведуваат дека по бројот на жртви ова најлошиот пожар што се случил за време на една од најстудените ноќи оваа зима.

„Се рабудив и сѐ што видов беше чад. Целата зграда гореше“. „Сѐ се случуваше многу брзо. Сѐ уште не беше дојдена противпожарната служба кога чад излегуваше од сите страни. Луѓето се спасуваа преку противпожарните скали“- сведочат жители на зградата.

Индија: Пожар во ресторан во Мумбај

Во Индија пак, 16 лица загинаа и над 30 се повредени во пожар во ресторан во трговскиот центар „Камала Милз“ во финансиската престолнина Мумбаи.

„Пожарот изби на терасата. Луѓето панично почнаа да трчаат насекаде. По 15 минути дојде противпожарната бригада, но за жал многумина останаа заробени внатре“, вели Маној Сатви, телевизиски продуцент.

Според првичните податоци, пожарот бил предизвикан од краток спој. Некои ресторани и продавници кои се наоѓаат во комплексот, не ги почитувале мерките за безбедност. Во гаснењето на огнот, кој траеше повеќе од пет часа, учествувале осум пожарни возила.

 

Марина Ристова