Партиски комбинаторики по празниците

29.12.2017 15:38

Поднесените оставки од функционерите на Алијансата за Албанците, причина за политички комбинаторики. Премиерот вели дека испразнетите места ќе се пополнат по празниците. Не разговарал со ДПА. Социјалдемократите велат дека се отворени за соработка. Се надеваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Законодавниот дом...

Министерското место за реформи во Владата го чувам за Алијансата на Албанците- вели премиерот коментирајќи дека станува збор за важна позиција од која се координираат неколку други ресори.

Вели дека ако не сега, постои можност со Села да се договорат во текот на идните месец- два. Тврди дека не разговарал со ДПА за влез во Владата. Најави дека до 15- ти јануари сепак дел од испразнетите функционерски места ќе бидат пополнети со кадар од помалите коалициски партнери.

„Не би бил чесен ако не кажам дека сакам наместо 61, да имаме 65 пратеници во мнозинство. Тоа значи постабилно парламентарно мнозинство. Јас ќе продолжам да разговарам со помалите политички партии. Секако, одговорноста на овие ресори морам да ја распределам“, изјави премиерот Заев.

Партијата стои на ставот дека со коалицијата со ДУИ е постигнато стабилно парламентарно мнозинство.

„Ние оставаме слободно, секој пратеник во Собранието на Република Македонија да се однесува онака како што сака и според сопственото политичко убедување. Ние сме демократска власт“, изјави генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата за бојкот на Собранието во знак на револт, како што велат, поради политичкиот прогон и реваншизам. Судот го продолжи притворот за 29-мина обвинети за терористичко организирање за настаните од 27-ми април меѓу кои и за шестмината пратеници.

Миле Ристески