Судски совет: Судијата Митриновски нестручно и несовесно ја вршел функцијата

29.12.2017 15:43

Судскиот совет по вторпат утврди дека Јордан Митриновски нестручно и несовесно ја вршел судиската функција. Постапката се повтори откако судот го побара тоа во Стразбур. Митриновски беше разрешен поради одлуката, тутунскиот бос Бајруш Сејдиу да го пушти од притвор со кауција. Најавува кривични пријави...

И во повторената постапка која Судскиот совет ја спроведе по повеќе од шест години, донесена иста одлука- поранешниот претседател на Апелација, Јордан Митриновски, несовесно и нестручно ја вршел функцијата.

Новото одлучување доаѓа по барање на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Оваа институција оцени дека подносителот на иницијативата за разрешување на Митриновски, претседателот на Врховен, Јово Вангеловски, учествувал и во гласањето како член на Советот, со што била пристрасна одлуката.

Митриновски во разговор за МТВ вели дека Судскиот совет не е надлежен да носи одлука за негово разрешување, туку само да ја изврши пресудата на судот во Стразбур. Најави дека одлуката ќе ја обжали пред Врховен. Ќе поведе постапка за дисциплинска одговорност и ќе им поднесе кривични пријави на сите кои гласале во Судскиот совет. Вели, правдата ќе ја бара до крај.

Митриновски беше разрешен поради одлуката да го пушти од притвор тутунскиот бос Бајруш Сејдиу со кауција.

Игор Панов