Спасовски не се согласува со констатациите на Мемети

29.12.2017 15:51

Министерот за внатрешни работи не се согласува со констатациите на Народниот правобранител дека при приведувањето на пратениците за собраниските настани од 27-ми април им е повредено правото на имунитет и презумцијата на невиност. Спасовски тврди- полицијата постапи законски и во согласност со своите овластувања. Силите на редот имале наредба, издадена од судот...

„При приведувањето на пратениците, полицијата постапила законски- дејствувала по наредба издадена од Судот“- ова е одговорот на министерот за внатрешни работи по констатацијата на Народниот правобранител дека постапката била прекршена и било повредено правото на имунитет. Спасовски вели дека до Мемети ја доставил целата докуметација за овој случај.

Спасовски информираше дека сѐ уште не ги пронашле преостанатите за кои има потерница за собраниските настани. Полицијата има индиции дека тие сѐ уште се во Македонија.

Министерот соопшти дека идната година ресорот ќе продолжи со реформи во безбедносните служби и најави зголемување на бројот на полициските службеници.

 

Наташа Гркова- Петрушевска