Могерини и Хан: 2018-та ќе биде пресудна за Западен Балкан
2018-та е пресудна година за Западен Балкан, порача шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини на својот блог. Ги посетив сите шест престолнини, некои од државите беа во длабока политичка криза, рече Могерини. Ваква порака претходно упати и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

2018-та година ќе биде пресудна за Западен Балкан- порака на шефицата на европската дипломатија и безбедност, Федерика Могерини, испратена преку нејзиниот блог.
„Ова не беше лесна година за Балканот. Посетив неколку земји од регионот во најтешките моменти на длабока политичка криза“, посочува Могерини, но и констатира - благодарение на одлуките и заедничката соработка поголемиот дел од кризата е веќе надминат.
„Дел од земјите од Западен Балкан повторно појдоа кон реформите, иако имаат уште многу работа. Компасот на европската интеграција го покажува тој пат“, напиша Могерини.
И Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан напиша на својот „Твитер“: 2018-та година ќе биде решавачка за Западен Балкан поради можност за уште поблиска соработка со партнерите за справување со заедничките предизвици.
Со шестмесечното претседавање со Унијата, преку Самитот за Западен Балкан во мај во Софија се навестува можност за побрзо европско придружување до 2025-та. Во делот на евроатлантската интеграција, во наредните три месеци сукцесивно, најавени се и средбите за разликата околу името на посредникот на Обединетите Нации, Метју Нимиц со претставниците на Македонија и на Грција.
Претседателот Иванов вчера уште еднаш повтори дека земјава е подготвена за почнување на преговорите со Унијата, како и за членство во НАТО под услов Грција да не ги блокира македонските интеграции.
Миле Ристески
