Македонско- грчките односи централно место во грчките медиуми
Во понеделник или вторник вицепремиерот на Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе ја посети Атина и ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и неговиот заменик Јоргос Катругалос.

Последните случувања во Македонско- грчките односи заземаат централно место во сите грчки медиуми. Повикувајќи се на свои извори, дел од грчките телевизии и информативни портали, јавува дописникот на МИА од Атина, објавија дека во понеделник или вторник вицепремиерот на Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе ја посети Атина и ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и неговиот заменик Јоргос Катругалос.
За два седмици медијаторот Нимиц, ќе одржи нова рунда разговори со претставниците на двете земји, а на 17-ти и 18-ти јануари во Скопје, по три години ќе дојде генералниот секретар на НАТО.
Според непотврдени информации во грчките медиуми, доколку има напредок во разговорите и доколку и двајцата премиери и Зоран Заев и Алексис Ципрас заминат за Давос, Швајцарија на Светскиот економски форум од 23-ти до 26-ти јануари, тогаш е многу веројатно да остварат и билатерална средба.
Додека медиумите го пренесуваат оптимизмот на премиерот Зоран Заев дека спорот би можел да се реши во 2018-та, одредени грчки организации во исто време покренаа кампања против какво било име што ќе го содржи терминот Македонија.
Новинарите во прилозите детално ги пренесуваат ставовите, и од официјално Скопје, и од официјална Атина, а акцентот го ставија на телефонскиот разговор на Зоран Заев со Алексис Ципрас и Никос Коѕијас за време на приватна посета на македонскиот премиер на Солун, јави дописникот на МИА од Атина.
Телевизиите „Антена“ и „Алфа“ го пренесоа оптимизмот на Заев дека во текот на 2018-та ќе се најде решение за прашањето за името, додавајќи дека со решавањето на овој проблем, земјата ќе успее да се интегрира во НАТО и да почне преговори за интеграција со ЕУ.
