Прашањето за Западен Балкан и односите со Македонија- приоритети на Бугарија во 2018-та
Бугарија го презеде ротирачкото претседателство со Европската унија на 1-ви јануари. Прашањето за Западан Балкан и односите со Македонија треба да бидат дел од приоритетите на Софија во 2018-та година, оценува европскиот информативен ТВ канал „Еуроњуз“, а истото мислење го дели и остатокот од франкофонскиот печат.

Меѓу приоритетите на бугарското претседателство е и европската перспектива на Западен Балкан. За експертите, оваа улога на регионален лидер ќе биде добредојдена за Софија, која има за цел да го поправи својот имиџ во рамките на Унијата, оценува Еуроњуз.
„Претпристапниот период е многу важен за овие земји. Всушност, Бугарија има најбрз развој и најважни реформи во овој период. На Западниот Балкан му се дава јасна перспектива, може да се очекува добар развој, а владата може да го одвлече вниманието од теми што не му се допаѓаат, како што е борбата против корупцијата“, вели Даниел Смилов, професор во Центарот за либерални стратегии.
Во тој контекст експертите го истакнуваат приближувањето на Бугарија со Македонија.
„Ова е зградата, Палатата на културата во Софија, која ќе биде домаќин на европското претседателство, а паралелно со уредувањето на просториите, Владата започна со зближување со својот сосед, Македонија. По 18 години преговори, двете земји потпишаа добрососедски договор во 2017-та година за да ги решат нивните историски разлики. Македонската православна црква, исто така, се става под покровителство на Бугарската црква“, вели Дамјан Воденичаров, новинар на Еуроњуз.
Сепак, политичките движења од Пиринска Македонија, регион во јужна Бугарија, бараат повеќе, притоа Еуроњуз за прв пат му дава збор на Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин, бугарска про-македонска партија.
„Постојаниот проблем меѓу Бугарија и Македонија сè уште има исто потекло: тоа е непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија и ставањето во прашање на македонската нација. За жал, овој договор и политиката на Софија не означуваат вистински напредок во врска со ова прашање“, изјави Стојков.
Еуроњуз и дневниот весник „Ла Кроа“ заклучуваат дека напредкот во односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се очекува на самитот меѓу Европската унија и Западен Балкан закажан за 17-ти мај.
Тони Гламчевски, допсиник од Стразбур за МРТ
