За патријархот Иринеј барањето на МПЦ до БПЦ е доказ за незрелост
Барањето на Македонската црква, Бугарската црква да ѝ биде мајка- црква нема никаква канонска ниту историска основа и е доказ за незрелост, изјави српскиот патријарх Иринеј во синоќешното интервју за ТВ Храм. Решението за МПЦ, според него, е единствено преку заедница со СПЦ. За седми јануари е најавена средба на вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот Неофит, на која се очекува да стане збор и за признавањето на МПЦ...

Српскиот патријарх Иринеј со остар тон за последниот развој на настаните во црковните односи меѓу Скопје и Софија. Смета дека потегот на МПЦ-ОА со кој побара бугарската да ѝ стане мајка- црква, е доказ за незрелост на македонските владици. Тој вели дека за тоа нема ниту историски, ниту канонски основ.
„Ја покажуваат својата незрелост да го решат своето прашање, губејќи ја предвид состојбата во која се наоѓаат. Тие многу проблеми можеа да решат само во заедница со Србија. Србија им е искрен пријател, без било какви амбиции, освен историски и фактички, но тие сакаа канонскиот проблем да го решат со пуч“, изјави патријархот Иринеј.
Патријархот Иринеј потсетува на средбите во минатото дека на МПЦ ѝ понудиле автономија преку Нишкиот договор, но тоа било одбиено.
„Проблем е со Македонија што за жал прави потези еден по друг, но тие не се корисни, не само за нас туку и за нив. Сакаме тој проблем да се реши, и што се однесува до нас ако нашите предлози беа прифатени, тој проблем одамна ќе беше решен“, рече патријархот Иринеј.
Српскиот епископ Иринеј, пак, уште пожесток. Смета дека барањето на МПЦ- Охридска Архиепископија е политички договор на македонскиот и бугарскиот премиер, а како што вели, проблемите немале да се решат со неуката акробатика на одделни македонски архиереи.
Во меѓувреме, се очекува исходот од средбата на седми јануари меѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот Неофит. Дел од разговорите се очекува да бидат и за признавањето на Македонската православна црква.
Миле Ристески
