Трамп ја укина комисијата за истрага на измами на изборите
Белата куќа ја укина Истражната комисија за изборните измами при гласањето за претседател во САД во 2016-та година. Потребните податоци за гласачите не беа собрани поради отпорот на многу сојузни држави да учествуваат во истрагата. Наредните чекори ги одредува Министерството за државна безбедност.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја распушти комисијата којашто ги истражуваше тврдењата за можна измама на прекланските претседателски избори во САД. Причина за одлуката на Белата куќа е неуспшеното собирање на потребните податоци за гласачите од многу сојузни држави кои одбија да соработуваат со ова тело кое беше предводено од потпретседателот Мајк Пенс. Трамп тврди дека од три до пет милиони Американци, незаконски гласале за неговата соперничка Хилари Клинтон која освоила повеќе гласови на национално ниво. Според резултатите од Федералната изборна комисијја, тој победи со повеќе електорални гласови, што се пресметуваат според големината на секоја држава.
„Наместо да се впуштам во бескрајна правна битка на сметка на даночните обврзници, јас потпишав извршна наредба со која ја распуштам комисијата и барам Министерството за државна безбедност да ги преиспита прашањата и да ги одреди натамошните активности“, изјави претседателот Трамп.
Демократите тврдат дека комисијата сакала да ги потисне гласачите кои ја симпатизираат левицата. Во ноември, еден сојузен судија во Вашингтон изјави дека комисијата е советодавно тело, без законско овластување да принуди држави да обезбедат податоци.
Човекот којшто го покрена ова прашање е конзервативецот Грег Филипс којшто почна да работи во владата во 90-тите години на минатиот век во кампањата на гувернерот на Мисисипи. Член е во одбор на организација за истражување на изборни измами и сопственик на компанијата „АутоГов“, којашто произведува апликација за детектирање и фотографирање нерегуларности на гласачките места. На социјалните мрежи тврдеше дека има докази, но сѐ уште не ги објавил, поради, како што вели, можни грешки во проценките.
„Имам доказ, но не ви го давам сега. Податоците ќе ги објавиме на јавноста кога ќе завршиме со проверките“, вели Филипс.
Дејвид Бекер, извршниот директор на Центарот за изборни истражувања, тврди дека е проблематично водењето на уредни евиденции за гласачите бидејќи многу често починатите лица не се бришат од регистарот, и многу граѓани се регистрирани во повеќе држави истовремено, меѓу кои се и членови на семејството Трамп. Според Бекер, засега нема цврсти докази дека некој гласал противзаконски користејќи туѓ идентитет или дека го дуплирал гласањето, така што се уште се сведува процесот на претпоставки.
Маја Филдишев
