Здрав извоз: Над 300 компании извезуваат по светски стандарди

20.02.2014 17:15

Лани прехранбената индустрија извезла производи во вредност од 364 милиони долари, а само кондиторската за 40 милиони...

Македонските компании постојано или повремено извезуваат и се присутни на повеќе од 180 национални пазари. Барањето нови извозни дестинации и исполнувањето на бројните стандарди за квалитет, се главни предизвици за нашите извозници.

Лани прехранбената индустрија извезла производи во вредност од 364 милиони долари, а само кондиторската за 40 милиони.

Стопанската комора смета дека земјава има сериозна и здрава извозна структура, а повеќе од 300 компании работат по сите меѓународни стандарди што се бараат од нив.

„Повеќе од 70% од извозот оди во земјите членки на ЕУ и тоа е доказ дека во Македонија има производна структура која треба да се поддржи, што е во интерес на државата, граѓаните и на компаниите“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Бизнис заедницата бара од државата да ја среди регулативата, особено со трети земји, а самата ќе помогне во градењето мрежа на партнерски организации во третиот свет, како и во потесното економско поврзување во регионот.

Ретки се домашните компании кои извезуваат во повеќе од 10 земји, но Макпрогрес од Виница е присутен во 42 земји.

„Целта  до крајот на годината ние да бидеме присутни во 60 земји. Дел се редовни купувачи, а некаде сме повремено присутни. Централна и источна Европа ни се таргет за покривање“, вели Глигор Цветанов, генерален менаџер на Макпрогрес Виница.

Посебен предизвик е пробивот на пазарите во Северна Африка и на Блискиот исток , вели Цветанов и затоа постојано се инвестира во нови производни линии и се воведуваат нови производи.

Вложените 3 милиони евра во 2 нови погона и 80 нови вработувања  ќе овозможат производство на здрава храна и проширување на кондиторската програма, а извозот ќе ги надмине минатогодишните 20 милиони евра. 

 

Свето Николовски