Ципрас ги свика министрите за името

Состанок во премиерската палата во Атина за прашањето за името, Грција останува на познатите позиции

04.01.2018 15:45

Ципрас ги повика дел од министрите во премиерската палата на разговори за прашањето за името и спорот со нашата држава. Шефот на дипломатијата Никос Коѕијас информирал за досегашниот тек на разговорите. Ги претставил грчките позиции пред новата рунда со медијаторот Нимиц, закажана за 19-ти јануари. Остануваат разликите со Каменос, но и истата, грчка црвена линија за сложено име за севкупна употреба...

Грција ја крои стратегијата за името. По телефонскиот разговор со премиерот Заев, првиот човек на владата во Атина, Алексис Ципрас свика на состанок со неколку членови од неговиот кабинет. Земајќи го предвид фактот што спорот со името во Грција се претвори и во внатрешен проблем, на мини- министерскиот состанок се барало задоволително решение за домашните власти. Министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, рече оти верува дека годинава ќе се решат дипломатските прашања во неговата земја.

„За прашањето за името, Владата, како што континуирано истакнува, поддржува и преговара за едно сложено име, едно име за сите употреби, она што Грција го презентираше како позиција и во Букурешт. Ние сме за тоа да има согласност од сите партии и политички сили на земјата“, изјави Никос Коѕијас, министер за надворешни работи на Грција.

Коалицискиот партнер во Владата, министерот за одбрана Каменос, по состанокот излезе со непроменет став. Не се согласува терминот Македонија да биде вклучен во името, но вели дека има доверба во Коѕијас и смета дека ќе биде договорено национално решение.

„Јас од прв момент реков дека грчкиот термин Македонија, како што беше одлучено на средбата на лидерите на политичките партии под претседателот на државата, е цврста национална позиција. Останувам на оваа позиција и се надевам дека решението што ќе се донесе ќе ги гарантира националните интереси и паралелно ќе биде прифатено од целиот политички свет“, рече Панос Каменос, министер за одбрана на Грција.

Намерата на Ципрас да се испаглаат разликите околу решението, засега останува неуспешен обид. Приближувањето на грчките ставови ќе мора да се случи, ако се земе предвид дека Атина сака да настапи со конкретен предлог на 19-ти јануари во Њујорк, за кога е закажана средбата на преговарачите од двете страни со посредникот Метју Нимиц.

 

Катерина Топалова