Фудбал – УЕФА Европа лига 1/16 - финале

Со нокаут фазата почнува вистинската УЕФА Европа лига

20.02.2014 17:58

Новиот формат на УЕФА Европа лигата има една мана, екипите од најдобрите првенства многу често калкулираат и играат со комбинирани тимови. Сепак, кога веќе ќе ја минат групната и ќе влезат во нокаут фазата амбициите на сите, па и на фаворитите е да дотуркаат што подалеку, дури и до финалето.

Во таква ситуација е и Наполи кој во шеснаестинафиналето против Свонси ќе ја има предноста на домашниот терен во реваншот. Наполитанците вечерва гостуваат во Велс кадешто во единствениот претходен дуел пред педесет години загубија од Бангор.

Освојувачот на Купот на УЕФА од 1989-та Наполи е фаворит од неколку причини. Претставникот на Премиер лигата Свонси никогаш претходно не ги минал квалификациските кола, а е и во лоша форма којашто резултираше со отказ за  менаџерот Михаел Лаудруп. Свонси има само четири победи во последните 16 натпревари и многу малку тазе отимизам во врзаните триумфи во двата домашни меча под водство на новиот стратег,  Гери Монк. Проблем за освојувачот на англискиот Лига куп е неиграњето на најдобриот стрелец минатата сезона, Шпанецот Мичу кој ја залечи повредата, но се уште е надвор од натпреварувачки ритам, како и недоволната подготвеност на главниот креативец Џонџо Шелви чијшто настап  е неизвесен.

Слични е ситуацијата и во Наполи. Гонзало Игуаин, Пепе Реина и Валон Бехрами ги пропуштија последните тренинзи, но допатуваа во Велс. Ова отвора можност за нашиот Горан Пандев конечно да биде стартет со оглед на тоа што во последно време се почесто е на клупата. Веќе подолго време на листата на поведени се Хуан Камило Зунига и Џандоменико Место. Иако се повеќе заостанува во трката за титулата во Серија А, Наполи статистички е во добра серија затоа што има само два пораза во последните 16 мечеви. И искуството на клупата е на страната на наполитанците затоа што Рафаел Бенитез со Валенсија 2004-та и со Челзи минатата сезона веќе го освојуваше ова натпреварување и ќе се обиде да биде првиот тренер што тоа го направил со три различни клубови.

Натпреварот на „Либерти“ почнува во 21 часот и 5 минути со пренос на МРТ1.

Вообичано, како и мечевите во групите и дуелите од шеснаестинафиналето ќе се одиграат во два термина 19.00 и 21.05. Мал исклучок е натпреварот Анжи – Генк којшто поради временската разлика со Русија ќе стартува во 18 часот. УЕФА дозволи пред почетокот на на мечевите каде што играат украински екипи да има  минута молчење во спомен на жртвите во нередите во оваа земја. Од овие причини натпреварот Динамо Киев – Валенсија ќе се одигра на неутрален терен на Кипар.

УЕФА Европа лига  1/16 – финале (двојки)

18.00   Анжи – Генк

19.00   Черноморец – Лион

            Динамо К. – Валенсија

            Дњипро – Тотенхем

            Есбјерг – Фиорентина

            Јувентус - Трабзонспорт

            Либерец – АЗ Алкмар

            ПАОК – Бенфика

21.05   Ајакс – Салцбург

            Бетис – Рубин К.

            Лацио – Лудогоретс

            Макаби Т.А. – Базел

            Марибор – Севилја

            Викторија Плзен – Шахтјор

            Порто – Ајнтрахт Франкфурт

            Свонси – Наполи