Обединети нации

Вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за состојбата во Иран

05.01.2018 12:44

Советот за безбедност на Обединетите нации на итен состанок поради уличните протести во Иран, на барање на САД. Русија остро се спротивставува. Американската амбасадорка Ники Хејли вели дека тоа ќе биде обид да се засили пораката на антивладините демонстранти, додека Москва соопшти оти состанокот би бил штетен и деструктивен.

Советот за безбедност на Обединети нации на барање на САД денеска одржува вонредна седница во знак на поддршка на антивладините протести на Иран. Земјите- членки се со поделени мислења за протестите во Иран, во кои загинаа најмалку 21 лице, а над 450 беа уапсени.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли претходно рече дека САД покренале иницијатива во седиштата на ОН во Њујорк и во Женева да се одржи дебата за ситуацијата во Иран. Таа ги поддржа демонстрантите, истакнувајќи дека ОН мора јавно да го изнесе своето мислење и да ги поддржи протестите.

За заменик шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков, американскиот предлог за одржување вонредна седница на СБ на ОН за Иран е „штетен и деструктивен“. Ги обвини САД дека сакаат да ја искористат постоечката ситуација за да го поткопаат нуклеарниот договор со Техеран, и додаде дека САД не треба да се мешаат во внатрешните работи на Исламската Република Иран.

Иранскиот генерален обвинител Мохамед Џафар Монтазери, пак, ја обвини ЦИА дека е „главен креатор“ на протестите во Иран. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп негира каква било вмешаност во протестите во Иран, а ЦИА одби да коментира таквите обвинувања.

Ајатолахот Али Хамнеи и претседателот Хасан Рохани претходно ги обвинија „непријателите на Иран“- Сад и Израел за поттикнување на масовните протести во Иран кои почнаа на 28 декември во Машхад и набрзо се проширија во другите градови.

Претходно неделава, Иранската револуционерна гарда прогласи крај на антивладините протести, но сѐ уште не е познато дали навистина завршиле или пак иранските власти ги блокираат социјалните мрежи со цел да ги оневозможат демонстрантите да поделат нови слики од протестите. 

Марина Ристова