Пјонгјанг и Сеул ќе воспостават воена телефонска линија

09.01.2018 13:12

Зимската олимпијада ги затопли односите меѓу Пјонгјанг и Сеул. Северна Кореја со своја репрезентација и делегација на февруарските олимписки игри кај јужниот сосед. Претставниците на двете влади се оптимисти за натамошниот дијалог за состојбата на Корејскиот Полуостров. Покрај цивилната, двете Кореи ќе воспостават и воена телефонска линија...

Северна Кореја ќе испрати репрезентација на Зимските олимписки игри идниот месец чиј домаќин е нејзиниот јужен сосед. Одлуката е донесена по првата средба меѓу претставниците на двете Кореи одржана во демилитаризираната зона. Спортската репрезентација ќе биде придружувана од навивачка група, поддржувачи и новинари. Претставниците од официјален Сеул повторно предложија да се обединат семејствата кои биле разделени со Корејската војна.

Целта на разговорите е да се разговара за Зимската олимпијада и учеството на Северна Кореја со своја репрезентација, но и да се подобрат односите меѓу северот и југот. Даваме сè од себе Олимписките игри и Параолимпијадата да бидат мирни и успешни настани. Разговорите се позитивен прв чекор“, изјави Чо Мјонг-Гијонминистер за обединување на Јужна Кореја.

Сеул препорача продолжување на дијалогот за воените прашања за да се спречи конфликт на полуостровот. Посебен акцент беше ставен на нуклеарната програма на Северна Кореја чиешто спроведување на терен резултира со серија предупредувања и санкции од западните земји. Поради учеството на Зимската олимпијада, Јужна Кореја најави дека привремено ќе блокира дел до казнените мерки иако Европската Унија ги прошири санкциите.

Оптимистички прогнози за надминување на несогласувањата има и во Сеул и во Пјонгјанг.

Ова е шанса за Кореја, единствената поделена земја во светот, да ги реши проблемите. Средбата може да резултира со мир и компромис за двете страни“, вели жител на Сеул.

Сите сакаме подобра комуникација со Сеул. Неопходно е и важно целата нација да се обедини. Мора да запрат сите провокации од која било страна за да не се попречува процесот“, смета жител на Пјонгјанг.

Пјонгјанг сè уште не го конкректизира одговорот на предлозите од другата страна. Во воведниот говор на делегацијата било истакнато дека средбата ќе донесе добар подарок во новата година, потенцирајќи дека Северна Кореја има сериозен и искрен став кон релевантите прашања.

 

Маја Филдишев