ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Собранието
ВМРО-ДПМНЕ го продолжува бојкотот на работата на Парламентот. Ова е решено на денешниот координативен состанок на највисоко ниво на партијата. Има политички прогон во земјата и нема демократски капацитет. СДСМ му порача на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во реформските процеси.

Сѐ додека не се создадат услови за нормално работење, ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира Собранието. Ваква одлука донела нивната пратеничката група откако констатирала дека во моментов нема демократски амбиент за работа во Законодавниот дом. Како што изјави партискиот лидер Мицкоски, 12 насто од пратениците бесправно се држат во притвор. Повредено им било правото на пратенички имунитет при апсењето, рече Мицкоски, и се соочуваат со конструирано обвинение за тероризам и вклученост во настаните од 27-ми април минатата година.
„Нема демократски услови за учество во работата на Собранието. Првиот момент кога истите ќе се овозможат, тогаш нашите пратеници ќе дејствуваат според она што претходно ќе го дефинираме како партија, и ќе биде за интересите на граѓаните на Република Македонија“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ова е доказ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека во Македонија има политички прогон и злоупотреба на институциите за пресметка со неистомислениците и со сите оние кои не се плашат, како што рече, да се спротивстават на антидржавните политики на СДСМ. Тој рече дека пратениците се обединети и координирано ја донеле одлуката.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се разбира онаа што е на слобода, а не онаа што е во притвор, е апсолутно конструктивна и учествува заеднички во креирање на ставовите. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена, обеинета и сите заедно стоиме зад овие ставови“, изјави Мицкоски.
Реагираа од СДСМ. Од партијата велат дека се неосновани тврдењата дека нема услови за демократско функционирање на Собранието и дека од новото раководство се очекува да земе активно учество во спроведувањето на зацртаните реформи.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што истовремено е врвен државен и национален интерес“- пишува во соопштението на Социјалдемократите.
Анита Димитријевска
